Министерството за образование и наука работи на сеопфатни реформи во сите образовни сегменти. Младите генерации треба да стекнуваат квалитетни и применливи знаења, но подеднакво важно е да развиваат креативност, иновативност и критичко размислување, како и емпатија, етички принципи и социјални компетенции за да одговорат на брзите технолошки промени и глобални предизвици.

Оваа порака ја истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска при своето обраќање на регионалниот ФјучерЕкс Самит 2026. Таа подвлече дека за светот што утре ќе биде целосно различен од денес, неопходно е постоење на функционален систем што гради суштински знаења и капацитети.

„Нашата визија за образование отворено кон иднината почнува од основните училишта. Воведуваме едносменска и целодневна настава со цел децата да добијат повеќе време за истражување и практични активности. Сегашните основци се оние кои во наредните децении ќе носат професионални, економски, научни и општествени одлуки. За да ги подготвиме, од најрана возраст треба да развиваат вештини на поставување прашања, поврзување на информации, препознавање на различни можни решенија. Во дополнителното време во училиште, преку истражувачки, проектни, практични, спортски и креативни активности, учениците ќе можат да експериментираат, да работат тимски, да решаваат проблеми и да ги применуваат своите идеи во пракса“, рече Јаневска.

Во делот на средното стручно образование, особено преку дуалниот модел, теоретските сознанија директно се поврзуваат со реална работна средина. Воспоставеното партнерство меѓу училиштата, компаниите и локалните самоуправи овозможува наставните програми постојано и брзо да се приспособуваат на деловните потреби за стручен кадар, како и на барањата на зелената и дигиталната транзиција.

Од оваа учебна година над 10.800 ученици во прва година од средното стручно образование учат според реформирани наставни планови кои опфаќаат СТЕМ-компетенции, зелени и дигитални вештини во сите струки. За реализација на овие програми низ соодветни обуки поминале 569 наставници, а соработката со приватниот сектор бележи континуиран раст.

Успешниот модел од стручното образование се планира да се пренесе и во високото образование преку интегрирање на универзитетската настава со практична обука во реалниот сектор.

„Со тоа, студентите добиваат можност да стекнат знаења и професионални вештини кои ги тестираат, усовршуваат и продлабочуваат во реални работни услови. Паралелно со ова, создаваме услови универзитетите и студентите да станат активни учесници во Европскиот простор за истражување и иновации, преку зајакнување на научно-истражувачката дејност, учество во европски програми и меѓународни академски партнерства, како и преку соработка помеѓу универзитетите, научните институции и деловниот сектор. Ова е од суштинско значење за градење општество подготвено за иднината“, појасни Јаневска.

Со цел работниците постојано да усвојуваат нови компетенции и да останат конкурентни на пазарот на трудот, се развива систем на доживотно учење преку обуки и доквалификација. Регионалниот настан ФјучерЕкс Самит 2026 е во организација на Институтот за комуникациски студии, со што се заокружува програмата за писменост за иднината од проектот ФјучерЛит, поддржан преку програмата Erasmus+.