Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираше интервенција за безбедно отстранување неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми. Гранатата потекнува од Првата светска војна, а е пронајдена во атарот на село Пепелиште, Неготино, информираат од ДЗС.
Поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Неготино, којашто обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“, велат од ДЗС.
ДЗС упати благодарност до ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка.

Истовремено апелираат до граѓаните ако пронајдат и забележат сомнителни експлозивни средства, да не ги допираат. Треба веднаш да ги пријават на единствениот бесплатен број за итни случаи 112.
