Вкупната вредност на проектот за изградба на затворен пазар во Кисела Вода е 13 милиони денари, од кои 9,8 милиони денари се обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа, со што граѓаните на општина Кисела Вода добија модерен и безбеден простор за продажба и за снабдување со прехранбени производи.
Од Министерството за локална самоуправа во 2022 година се финансирани 14 локални проекти од буџетската Програма за намалување на диспаритетите помеѓу и во планските региони и за зголемување на конкурентноста.
Веќе на почетокот на наредната година ќе биде објавен нов јавен повик за финансирање на проекти од буџетската Програма за намалување на диспаритетите помеѓу и во планските региони и за зголемување на конкурентноста за 2023 година, на кој што можат да се јават општини, граѓански организации, установи и други непрофитни субјекти со проекти кои што имаат влијание на развојот на општината и на планскиот регион.
Од оваа буџетска програма со 11 милиони денари се финансира и изградба на пат во општина Василево, во општина Босилово се финансирало изградба на бетонски одводен канал, а во општина Карбинци се санира мост на реката Брегалница со 5.8 милиони денари.
Во општина Демир Хисар е набавена механизација за чистење на пат, во Битола се поддржува развојот на велосипедски туризам, во Охрид пак е планиран развој на спортски туризам, во општина Кривогаштани се финансира проект за зачувување на културното наследство, во општина Македонски Брод изградба на канал за одведување на отпадни води, во Струмица изградба на дом на култура во село Куклиш, во Штип се подобруваат условите за почист и помодерен град, се реконструира пат во општина Василево, а во Босилово се гради одводен канал.