Водно доби нова содржина наменета за движење, рекреација, дружење и развивање здрави навики кај сите генерации. На планината е изграден нов моторички парк, со природни препреки и реквизити наменети за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност.

Моторичкиот парк е изработен од здравите стебла на паднатите дрвја по силното невреме што го зафати Скопје. Наместо дрвниот материјал да заврши како отпад, тој е искористен за создавање нова и трајна содржина за граѓаните.

Град Скопје

„Нашата обврска не е само да ја санираме штетата предизвикана од невремето, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните. Здравите стебла од паднатите дрвја добија нов живот и нова намена – денес од нив имаме простор исполнет со движење, енергија и живот“, истакна градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Паркот е наменет за различни возрасни групи. Децата преку игра ќе можат да ги развиваат своите моторички способности, додека младите и возрасните ќе имаат дополнителен простор за вежбање, рекреација и квалитетно поминување време во природа.

По примерот на Водно, вакви моторички паркови ќе бидат изградени и во Парк-шумата Гази Баба и во Сарај, со што ќе се создадат дополнителни рекреативни содржини на повеќе локации во Скопје.

Град Скопје

Паралелно со уредувањето на просторот, на местата каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници. Во втората половина на септември ќе започне и голема есенска акција за пошумување на градот.

Во рамки на активностите за уредување и обновување на Водно, реконструиран е и патот до Средно Водно, а во тек е уредување на пешачките патеки и обновување на урбаната опрема, која со години беше оставена без соодветно одржување.

Дополнително, на Водно и Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, која е подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови. Со нејзиното функционирање се зголемува безбедноста на посетителите и се создаваат подобри услови за престој и рекреација во природата.

Водно останува едно од најзначајните природни богатства на Скопје, а активностите продолжуваат со цел негово обновување, уредување и развој на содржини достапни за сите генерации.