Зголемени контроли и нови анализи во институциите
Фондот за здравствено осигурување разгледува измени во правилникот за боледувања по сомнежи за нивна злоупотреба, со цел да се подобри системот и да се зајакне контролата.
Директорот на Фондот, Сашо Клековски, изјави дека контролите во институциите се значително засилени.
„Контролите за нас се исто така поука каде има недостатоци во системот, продолжуваме и оваа година, сега имаме големо барање од Министерството за одбрана за контроли во ова министерство. Продолжуваме со контроли и го систематизираме проблемот“, изјави Клековски.
Тој посочи дека контролите се двојно зголемени во споредба со минатата година, а најголем број барања за проверки пристигнале од Министерството за одбрана.
Работна група за измени и консултации со лекари
Клековски информираше дека се спроведуваат анализи за подобрување на системот и дека е формирана работна група за измена на правилникот за боледувања, во консултација со матичните лекари.
„Целта на измените во боледувањето не е скратување на оправданите барања, туку прекинување на злоупотребите, за да се остави простор за оние кои навистина имаат потреба. Потребна е и дигитализација на процесот за ефикасност и транспарентност“, изјави Клековски.
Размислувања за породилно отсуство и доцнења во исплати
Од Фондот се разгледува и можноста породилното отсуство да се продолжи на 12 месеци, по примерот на некои земји од регионот. Сепак, како што беше наведено, прво треба да се направат финансиски анализи, бидејќи надоместот се исплаќа во висина од 100 проценти.
Клековски се извини за доцнењата во исплатите на породилното отсуство и посочи дека се работи на решение за стандардизација на пресметките, кои во моментов се вршат рачно.
