Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на почетокот на следната година очекува конкретно придвижување во делот на гаранциите од Европската Унија, со кои уставните измени би станале последното барање на патот кон полноправно членство.
На средба со новинарите, тој посочи дека по посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Софија, имал разговори со него. Во тие разговори, како што кажа, било потенцирано дека е „крајно време Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови за продолжување на европскиот пат“.
„Се согласивме дека уставните измени треба да бидат последното барање на нашиот европски пат и да се добијат некакви гаранции за тоа“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека за да се реализира ова, потребен е и притисок од „посилна страна“ во рамките на Унијата.
„Очекувам придвижување на почетокот на идната година, по завршувањето на божиќните и новогодишните празници, во делот на давањето гаранција дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија“, нагласи Мицкоски.