Употребата на уставното име е апсолвирано прашање, вели во интервју за „Гласот на Америка“ претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој исто така се наоѓа во Вашингтон за Самитот на НАТО.
„Апсолвирано е тоа прашање. Во колоквијален пристап или говор останува лично на секој човек како ќе го изговори. Мислам дека за премиерот, владата, министрите, во Собрание, тоа прашање е апсолвирано. Мислам дека и нашите пријатели, Грција и пријателите од НАТО и од ЕУ, знаат дека нашата заложба за членство во ЕУ е силна и ќе направиме сè што е можно побргу да се зачлениме во Унијата“, изјави Гаши.
Тој очекува Грција да покаже разбирање за колоквијалната употреба на името Македонија. Тој вели дека коалицијата „Вреди“ нема да условува за носењето на уставните измени.
„Не ја разбирам политиката како условување и начин на поставување на такви услови. Политиката е умешност на можното. Треба да се разговара што е можно, во какви рамки, дали е тоа во интерес на граѓаните“, нагласи претседателот на Собранието.