Двесте до триста граѓани годишно на 100.000 жители доживуваат мозочен удар во Македонија, што ја рангира државата на самиот врв на статистичките показатели. Во изминатите две години оваа бројка бележи благо зголемување. Стручните лица алармираат дека меѓу заболените има сè поголем број млади лица, вклучително и пациентка на шеснаесетгодишна возраст.
Пациенти со мозочен удар има од сите возрасти, а доминантната група се граѓани над 50 години кои имаат нерегулирани ризик-фактори, соопшти директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, по повод 29 октомври – Светскиот ден на мозочниот удар.
Божиновски посочи дека мал број пациенти добиваат навремена тромболитична терапија. На клиниката годишно околу стотина лица ја примаат оваа терапија, бројка која според него мора да биде значајно повисока.
„Таква терапија се аплицира уште во две-три установи во државата, меѓутоа таа бројка сепак е мала според бројот на пациенти што добиваат мозочен удар кај нас. Тоа е така затоа што пациентите доаѓаат многу доцна, доаѓаат по неколку часа кога тие терапевтски прозорци веќе се пробиени и се апсолутна контраиндикација да се даде некаква специфична терапија, а дел е затоа што некои од пациентите, поради одредени пешкотии, не може да стигнат можеби навреме и пристигнуваат подоцна“, додаде д-р Божиновски.
Годинава беше спроведена поширока здравствена акција во неколку центри низ републиката, со теренски активности во Тетово, Штип, Охрид и Кочани.
„Во акцијата на Клиниката пред платото на плоштадот Македонија беа прегледани 174 пациенти, од кои кај 39 проценти се утврдени ризик-фактори, како зголемен крвен притисок, шеќер и маснотии. Вчера, имаше отворен ден на Клиниката, каде што граѓаните можеа да направат бесплатен доплер на каротидите. На 74-годишен пациент, по дијагностиката, утврдена му е високостепена стеноза на обете каротидни артерии и тој веднаш е примен за дополнителни инвестигации и евентуален натамошен третман. Ова е асимптоматски пациент, а со висок ризик да добие мозочен удар, што би бил фатален. Вчера, 160 пациенти беа прегледани, кај 40 проценти од нив е најден некаков сигнификантен наод. Земен е контакт од нив и тие следната недела ќе бидат повикувани на Клиниката за исто така дополнителни иследувања“, истакна д-р Божиновски.
Тој подвлече дека македонските лекари не заостануваат зад колегите од странство, потенцирајќи ги напорите за обезбедување еднаква здравствена заштита во сите региони.
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека унапредувањето на здравствениот систем од превенција до терциерно ниво директно ќе го продолжи животниот век на населението, бидејќи мозочните и срцевите удари се главен фактор за скратување на животот.
„Македонија, како и Западен Балкан, има двапати поголема предвремена смртност. Предвремена смртност е луѓето што ќе починат меѓу 30-та и 70-та година, и главни контрибутори се срцевите и мозочните удари. Превенцијата и третманот на мозочниот удар е релативно комплицирана операција бидејќи времето за реагирање е од еден до четири часа максимум. Тоа бара активна радиодијагностика и можност за терапија веднаш. Оваа акција за свесноста и за превенцијата е само еден чекор и се надеваме дека многу брзо ќе седнеме со Клиниката како лидер во таа област, да ги направиме патеките на движење на луѓето со мозочен удар за да спасиме што повеќе животи и да намалиме што повеќе инвалидност. Мозочните удари се водечка причина и за инвалидност на пациентите и има многу животни и здравствени причини заради кои треба да посветиме многу поголемо внимание на оваа точка“, рече Клековски.
Клековски изрази задоволство од отворањето на овие клучни теми на Неврологија и ја поздрави децентрализацијата на терапијата за мултиплекс склероза, која започна во Градската општа болница „8-ми Септември“, како и во болниците во Охрид и Штип, а во тек се подготовки за нејзино воведување во Тетово, Прилеп и Струмица.
Министерот најави учество на настан посветен на напредокот во третманот на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест во соработка со Клиничкиот центар од Љубљана, пофалувајќи го раководството на Клиниката за постигнатите резултати во постојните финансиски рамки.
Во склоп на активностите за одбележување на светскиот ден, на Медицинскиот факултет се одржаа стручни предавања за најновите методи во третманот на ова заболување.
