Реката Рио Негро, која се влева во Амазон во близина на Манаус, го забележа највисокиот водостој од 1902 година – 29,98 метри, соопшти вчера мрежата Г1.

Во големата поплава во 2012 година оваа река се искачи на водостој од 29,97 метри. Нивото означено како „сериозна поплава“ е 29 метри, а нивото на водата овој пат се очекува да надмине 30 метри.

Во Манаус од поплавите се погодени повеќе од 24.000 семејства и 15 области, а многу семејства мораа да ги напуштат своите домови, наведува мрежата Г1.

Во најтешко погодените области изградени се повеќе од 9.000 метри дрвени мостови, попознати како маримба. На фотографиите се гледа како луѓето одат преку нив, а некои се фотографирани покрај надојдена река.

Делови од пристанишната област и историскиот центар на Манаус се под вода. Водата е навлезена и во продавниците, а го поплавила и главниот пазар. На некои жители кои останаа во своите домови рибите им допливаа во кујните, јави Г1.

Поплавите ја погодија речиси целата држава Амазонија, каде се зафатени речиси 60 од 62 општини, а 450.000 лица се погодени од природната катастрофа.