Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека депонијата за која се зборува во јавноста, не се наоѓа на територијата на Град Скопје.
„Изминатиов период во јавноста и на социјалните мрежи се пласираат информации за површинска депонија која се поврзува со изворот „Рашче“, а со тоа се создава непотребен страв и паника кај граѓаните во однос на безбедноста на водата за пиење. Затоа, сакам најпрво да ги кажеме фактите. Депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите „Рашче“. Истата постои веќе 30 години“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека без разлика на тоа, секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена.
Истовремено, Ѓорѓиевски им порача на скопјани дека водата што ја пијат е безбедна.
„Резултатите од секојдневните анализи на водата покажуваат дека таа е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење. Секој ден дополнително се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем, кои детално се испитуваат во лабораториите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Изворот „Рашче“ е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот. Затоа, на граѓаните сакам да им порачам, бидете спокојни“, вели градоначалникот.
Тој посочи дека никогаш немало да премолчи доколку постои каков било ризик по здравјето на скопјани, но исто така вели дека нема да дозволи со невистини, шпекулации и ширење паника да се создава недоверба таму каде што фактите, анализите и резултатите јасно го покажуваат спротивното.
