На подрачјето на градот Скопје вечерва ќе се спроведе 13-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона, со теренски третман.

Активностите ќе продолжат и во наредните денови, информираат надлежните.

На 20. август, поточно во четврток, е предвидена теренска дезинсекција против возрасни форми на комарци, на 21. август во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција, додека од 23. до 26. август ќе се спроведува терестична дезинсекција против возрасни форми на комарци.

Од Град Скопје информираат дека сите активности се реализираат согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје и одобрен од здравствените власти.

Во текот на сезоната досега се реализирани повеќе третмани за сузбивање на ларвите и возрасните форми на комарци, меѓу кои и авионски и теренски дезинсекции.

Според најавата, до крајот на сезоната ќе бидат извршени повеќе од 20 дезинсекции против комарци, со цел континуирано намалување на нивната бројност и заштита на здравјето на граѓаните.

– Продолжуваме навремено и системски да работиме на заштита на колективното здравје и благосостојбата на граѓаните, порача градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.