Новата амбасадорка на Словачка Ивета Хрицова и Орце Ѓорѓиевски дискутираа за активности и европски практики за локалните услуги
Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, се сретна со новата амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова.
„На состанокот, во духот на пријателските односи меѓу двете земји, се разговараше за можностите за унапредување на соработката на локално ниво, како и за можностите за преземање на европски практики во функционирањето на локалната самоуправа,“ соопшти денеска Општина Кисела Вода.
Ѓорѓиевски ја информираше новата амбасадорка на Словачка за активностите што ги презема Општина Кисела Вода и ЗЕЛС. Во насока на подобрување на локалните услуги. Тој нагласи дека искуствата и поддршката од земјите-членки на ЕУ се од особено значење за македонските општини.
„Имав чест да бидам домаќин на новата амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова, со која разговаравме за можностите за споделување искуства и добри практики од ЕУ, кои ќе придонесат за развој на локалната самоуправа во Македонија. Словачка е пријателска земја која поминала низ процеси од кои ние денес можеме многу да научиме. Верувам дека оваа средба ќе биде основа за понатамошна соработка и поддршка, во интерес на граѓаните и подобрување на условите за живеење во општините,“ изјави Орце Ѓорѓиевски.