Полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, кој достигна рекордна длабочина од 338 метри во подводната пештера Врело во кањонот Матка, е предложен за почесен граѓанин на Скопје.
Предлогот до Советот на Град Скопје го поднел градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. За него советниците треба да расправаат на наредната седница, закажана за четврток.
Питала беше предводник на меѓународната истражувачка експедиција „Врело 2026“, во која учествуваа нуркачи од Полска, Италија и Македонија. На 17 октомври тој достигна длабочина од 338 метри, со што беше поставен нов светски рекорд во истражувањето на подводни пештери.
Во образложението на предлог-одлуката се наведува дека неговиот придонес е значаен за истражувањето и меѓународната промоција на природното богатство на Скопје и околината, особено на пештерата Врело, која претставува заштитено природно подрачје.
Експедицијата, покрај рекордната длабочина, откри и два нови подводни канали и истражи повеќе од 150 метри нови пештерски премини. Со ова достигнување, Врело се искачи на првото место на светската листа на најдлабоко истражени подводни пештери.
Предлогот за прогласување на Питала за почесен граѓанин на Скопје сè уште треба да добие согласност од Советот на Градот.
