Очекувањата дека Европската Унија полесно ќе постигне договор за нови санкции против Русија по заминувањето на Виктор Орбан од власта во Унгарија не се остварија целосно. И покрај променетата политичка ситуација, неколку земји членки побараа ублажување на дел од мерките со цел да ги заштитат сопствените економски интереси.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска повторно ќе се обидат да ги усогласат ставовите за 21. пакет санкции против Москва, пишува „Политико“.

Меѓу спорните точки се најде предлогот со кој би им се забранило на компании од Унијата да превезуваат руски течен природен гас до трети земји. Грција се спротивставила на оваа мерка поради можните последици врз нејзината бродска индустрија.

Австрија, пак, за време на преговорите го покренала прашањето за „Рајфајзен банка“ и барањето за обесштетување поради имот во Русија за кој банката тврди дека бил незаконски експроприран. Европската комисија најавила дека ова прашање ќе биде разгледано во некој од следните санкциски пакети.

Од предлогот била отстранета и мерката за постепено укинување на увозот на руска риба, откако дел од земјите предупредиле дека тоа може да доведе до раст на цените и негативно да влијае врз европската преработувачка индустрија.

Во конечната верзија на пакетот не се вклучени ниту санкциите против рускиот патријарх Кирил, по противењето на Бугарија и Италија. Франција и Италија побарале и ублажување на ограничувањата за поранешни припадници на руските вооружени сили, со образложение дека механизмите за нивна проверка сè уште не се подготвени.

И покрај направените измени, пакетот предвидува дополнително проширување на санкциите, со исклучување на уште десетина руски банки од системот СВИФТ и забрана за влез во ЕУ за повеќе од 250 лица. Тоа би било најголемо проширување на санкциската листа од 2023 година.

Според дипломатски извори на „Политико“, иако се очекува постигнување договор, последните преговори покажуваат дека и без Орбан, националните интереси на земјите членки и понатаму можат да бидат пречка за воведување построги економски мерки кон Москва.