Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска соопшти дека во земјата продолжува вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“ и дека ќе се сочека и Европската агенција за лекови (ЕМА), која својот конечен став го најави за четврток.
-Ставот на струката во ова конкретно прашање е дека придобивките од вакцинацијата се поголеми од какви било познати ризици во моментов, рече хрватскиот премиер пред новинарите во Дарувар, откако се повеќе земји привремено да ја прекинаа вакцинацијата со „АстраЗенека“ заради појавата на згрутчување на крвта кај некои лица кои ја примиле вакцината.
Пленковиќ додаде дека се консултирал со претставници на Хрватската агенција за лекови, Хрватскиот институт за јавно здравје и Министерството за здравство.
-Никој од колегите кои се експерти, кои се лекари, за разлика од политиката, во овој момент нема докази врз основа на кои Хрватска во овој момент треба да престане да вакцинира со „АстраЗенека“, потенцираше Пленковиќ.
Хрватскиот премиер денеска, преку видео врска, учествуваше и на средбата во Виена со своите колеги од Австрија, Словенија, Бугарија, Чешка и Летонија.
Тој по средбата изјави дека е договорено шесте земји членки на ЕУ заеднички да „апелираат за корективен механизам во врска со дистрибуцијата на вакцините“ и објасни дека тоа значи дека оние земји кои примаат помалку дози на „АстраЗенека“ да добијат повеќе дози на вакцини од друг производител и на тој начин да го компензираат доцнењето.