Се наведува дека врз основа на договорот за коалиција меѓу Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и социјалистката партија, Стерјовски е кандидат за пратеник во изборната листа на СП за регионот Корча.
– Сметаме дека за доброто на сите Македонци во Албанија треба да го продолжиме нашето присуство во албанскиот Парламент со наш достоен и достоинствен претставник, како што е м-р Васил Стерјовски. Коалицијата МАЕИ и СП ќе овозможи интеграција на Македонците во владините институции, засилен и брз економски развој на областите каде што живеат Македонци во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник и цела Албанија, како и заштита на македонските јазик, култура и обичаи, стои во соопштението на друштвото.
Се оценува дека со досегашното присуство во албанскиот Парламент, Стерјовски покажал и докажал дека малцинските права најдобро може да ги одбрани човек кој потекнува од средината на тоа малцинство.
Се посочува и тоа дека со досегашното присуство, иако во скратен мандат, Васил Стерјовски покажа дека македонското малцинство има достоен претставник на политичката сцена во Албанија, кој сесрдно се залага за правата и добробитта на македонското национално малцинство во Албанија.
– Поради тоа, ги повикуваме сите Македонци во Мала Преспа, Горица, Подградец, Девол и целиот регион на Корча, да излезат масовно и да гласаат за Васил Стерјовски број 12 и СП број 12 на парламентарните избори, со цел да имаат свој достоинствен пратеник во Парламентот на Република Албанија, апелира друштвото „Илинден“ во соопштението потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.