Седницата на Собранието за пратенички прашања денеска двапати беше прекината откако пратеничката Илире Даути од Албанска лига одби да ја напушти говорницата, а потоа повторно побара збор за процедурална забелешка, иако претходно добила одговор од премиерот Христијан Мицкоски за предлог-законот за правична застапеност. Претседателот на Собранието Африм Гаши најпрво даде половина час пауза, а по продолжението потпретседателката Весна Бендевска прогласи уште една пауза во траење од еден час.

Даути повеќепати бараше на седницата да ѝ биде одговорено пратеничкото прашање за предлог-законот за правична застапеност, наведувајќи дека претходно не добила писмено објаснување од премиерот. Таа порача дека седницата треба да биде прекината доколку не добие одговор. Откако не сакаше да ја напушти говорницата, до неа застана лидерот на Албанска лига, Зијадин Села, по што Гаши даде половина час пауза за смирување на ситуацијата.

По паузата, Бендевска информираше дека Даути го добила одговорот на поставеното прашање и дека недоразбирањата од претпладневниот дел на седницата се надминати. Сепак, Даути повторно побара збор за процедурална забелешка, по што седницата повторно беше прекината.

Бендевска констатираше дека Даути трипати го прекршила членот 98 од Деловникот, кој го уредува правото на процедурална забелешка и причините поради кои може да се побара збор.

– Вие немате забелешка на водењето на седницата, а токму за тоа служи процедуралната забелешка – ѝ рече Бендевска на Даути.

Потпретседателката на Собранието посочи дека никој не може да зборува пред да добие збор од претседавачот и дека користењето на процедуралните забелешки не смее да го попречува правото на другите пратеници да поставуваат прашања до претставниците на Владата.

– Согласно член 99, на седницата на Собранието никој не може да говори пред да добие збор од претседателот на Собранието. Манипулирањето со институтот процедурална забелешка мислам дека е навистина претерано, со оглед на тоа што правото за процедурална забелешка на секој пратеник завршува кога го повредува правото на друг пратеник согласно Устав да поставува прашања до претставници на Владата кои се тука присутни. Затоа ве замолувам да се исклучите, за да почнеме да продолжиме со работа – рече Бендевска пред да ја објави паузата.