Украина со ново барање за донација на воена опрема од Македонија за нивната војска. По двете барања на кои како држава одговоривме позитивно, Петровска информираше дека „Не сме во можност да одговориме позитивно“.

Станува збор за барање кое пристигнало до нашата држава пред еден месец.

„Да има ново барање, но во моментов не можеме да одговориме позитивно на барањето“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Од Министерството за одбрана додаваат дека опремата која ја барала Украина се уште се користи ѝ е потребна на нашата држава.

Сѐ што имавме дадовме. Претходно два пати имавме позитивни одговори кон Украина. Тогаш, министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека земјава ѝ донирала авиони и тенкови на Украина за да се одбрани од руската инвазија.

При претходните одлуки за донација, министерката истакнуваше дека треба да се помогне на Украина.

„Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена, независна и самостојна држава е нападната, Украина, треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини ја донесовме одлуката за воена поддршка на Украина, во опрема и вооружување, затоа што Украина е државата што беше нападната и која се брани од агресија“, рече Петровска.

По руската инвазија врз Украина, која почна на 24 февруари 2022 година, Западот ѝ помага на Украина да се одбрани и испраќа разни видови оружје, како и други видови на помош. Источните членки на НАТО, во најголема мера Полска и Чешка, испратија голем број тенкови од советско производство, со кои украинските војници се запознаени. Исто така се испратени и десетици хеликоптери, но европските држави во голема мера се скептични во однос на испраќањето воени авиони во Украина. Дел од нив бараат тоа да биде координирана акција со НАТО, а други велат дека авионите им требаат за одржувањето на сопствената безбедност.