Иран се обидува да изврши напади врз воени објекти во Обединетото Кралство, изјави денеска директорот на британската служба за внатрешна безбедност МИ5, Кен Мекалум. Тој рече дека заговорот за напад врз воздухопловната база Ферфорд, под американска администрација, откриен во септември, не бил единствен случај.
Според Мекалум, Техеран настојува да ги засили нападите во Велика Британија и да ги прошири целите надвор од Иранците што се противат на исламската власт. Меѓу нив се и еврејски објекти, кои биле цел на подметнати пожари и саботажи. Велика Британија тврди дека дел од овие дејствија ги извршиле поединци по налог на иранските власти.
Мекалум рече дека годинава се забележува и „значајна промена“ во амбициите на Иран — насочување кон подобро заштитени цели, вклучително и воени објекти.
„Инцидентот во базата Ферфорд не е изолиран случај. Имало и други примери, не само во Обединетото Кралство, туку и низ целиот свет“, рече директорот на МИ5.
