Општина Карпош, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, ја спроведува услугата „Итно копче“, наменета за жители на општината постари од 65 години кои живеат сами или со брачен партнер со нарушена здравствена состојба. Преку овој систем, корисниците можат во секое време брзо да побараат помош со едно притискање на аларм-уредот.

Со активирањето на уредот, веднаш се воспоставува контакт со обучен оператор кој ја проценува состојбата и дава соодветни насоки. Доколку е потребно, се организира и тим за прва помош во домот на корисникот, како и транспорт до соодветна здравствена или друга институција.

Од Општина Карпош информираат дека заинтересираните лица кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик можат да се пријават на телефонскиот број 02/15330.

Поради ограничениот број на аларм-уреди, корисниците ќе се избираат според принципот „прв дојден – прв услужен“.