ОСТЕН Скопје во соработка со Општина Ѓорче Петров им приредуваат несекојдневен настан на граѓаните од Скопје. Станува збор за изложба на дела од Пабло Пикасо- керамики, цртежи и графики од колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж.
Изложбата ќе биде поставена во Домот на културата во Ѓорче Петров само еден ден: 20 октомври 2021 од 12 – 22 часот | официјално отворање 19 часот, а влезот е бесплатен.
Во колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж се наоѓаат 83 оригинални дела на Пабло Пикасо од кои 8 цртежи, 26 керамики, а другите рачно потпишани графики. Дел од нив ќе бидат изложени на изложбата во Домот на културата во Ѓорче Петров.
Покрај неприкосновената вредност на делата од легендата во уметноста на 20 век – Пабло Пикасо, оваа изложба е од исклучително значење и затоа што се организира по втор пат во Скопје. Единствена изложба на дела од Пикасо од колекцијата на ОСТЕН претходно е организирана во Галерија ОСТЕН во 2011 година.