Судот во Струга го прифати супервештачењето за случајот „Јалдз Веапоска“

Струшкиот Основен суд денес донесе одлука со која го прифаќа супервештачењето од специјализираниот судско-медицински одбор, во случајот за пациентката Јалдз Веапоска од Дебар. Судскиот процес, кој трае веќе четири години, ќе треба да потврди дали има лекарска грешка при отстранувањето на матката, јајникот и бубрегот кај родилката.

Случајот на Веапоска привлече големо внимание на јавноста откако таа отиде да се породи со царски рез во болницата во Струга, но беше префрлена на скопските клиники во критична состојба со три отстранети органи.

Обвинетите не успеаја да добијат ново супервештачење

Обвинетите лекари денес во судницата побараа ново супервештачење, што беше одбиено од страна на судијата Јордан Јованов, кој е трет судија по ред од почетокот на процесот.

„Од она што го добив од супервештаците, јасно е дека сите процедури се испочитувани. Имало одредени измени во составот, меѓутоа конечниот извештај е изработен непристрасно и стручно. Суштината ќе биде презентирана детално на наредното рочиште“, посочи судијата Јованов.

Обвинети тројца медицински лица за тешки дела против здравјето

Во предметот за случајот на Јалдз Веапоска, обвинети се тројца медицински работници од струшката болница:

  • поранешниот директор и гинеколог Мухамед Асани,

  • неговиот син, гинекологот Блертон Асани,

  • гинекологот Лилјана Јованоска.

Тие се товарат за кривичното дело „тешки дела против здравјето на луѓето“, кое застарува во 2026 година.

Прва оптимистична изјава на Веапоска од почетокот на процесот

Јалдз Веапоска денес изрази надеж за позитивен исход на судењето:

„После 4 години во судница, првпат верувам дека ќе добијам правда. Супервештачењето е прифатено, и благодарна сум на судот и на супервештаците. Се надевам дека секој кој ќе бара правда ќе ја добие како мене“, рече таа.

Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, истакна дека вистинската фаза на доказната постапка допрва следува:

„Следува детално изведување на доказите и презентација на супервештачењето на наредното судско рочиште“, најави Јанев.

Извор: Слободен Печат