Процедурата за издавање на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП Скопје.
– Неопходно е лично присуство на студентот кој треба да приложи потврда за редовен студент издадена од матичниот факултет, лична карта и индекс на увид и 200 ден, еднократен надомест за изработка на персонализирана картичка „Скопска“. На бруцошите, билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година. Останатите студенти, за да ја продолжат важноста на билетот за 2022 година, треба да достават потврда за редовен студент не постара од еден месец и да приложат индекс со запишан зимски семестар. Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста, соопштуваат од ЈСП.
Претпријатието ги потсетува студентите дека единствено „Скопска“ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично.
– Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа. За дополнителни информации, студентите можат да се обратат на 02-3171-881, во Одделение за продажба при ЈСП Скопје, како и на фејсбук страната на претпријатието facebook.com/jspskopjee, посочуваат од ЈСП.