Случајот Скопски Пазар кој почнал пред дваесет, формално трае десетина години а кој официјално е застарен покажува дека во македонското правосудство има луѓе кои се помоќни и поважни и од највисокиот суд во Македонија.

Ова е приказната за сопругот на моќната членка на Судскиот Совет Весна Дамева, Младен Дамев и бизнисмените Фатмир Етеми и Ацо Дудуловски кои како сопственици на Скопски Пазар и тужители де факто станаа фактор кој е поважен и од Врховниот суд.

Кривичната постапка против поранешните сопственици на Скопски Пазар беше окончана со одлука на Врховен суд, од која произлегува дека не постоела никаква основа за водење на истата.

Од образложението на Врховниот суд, каде за разлика од Скопска Апелација има повеќе сериозни судии со висок интегритет, произлегува дека спорните одлуки на тужените екс сопственици не се незаконити.

Практично Врховниот суд решава и во исто време предупредува дека неколку лица без никаква вина со години се влечеле пред судови иако не го прекршиле законот.

И наместо со одлуката на Врховниот суд по завршување на кривичната постапка случајот да запре сагата продолжува овој пат со апсурдна одлука на граѓанскиот суд.

Скопскиот граѓански суд односно судијката Елизабета Настова во експресна постапка без постоење на никаква правна основа одлучува да замрзне средства во висина од 700.000 евра преходно депонирани како обезбедување во кривичната постапка која заврши пред друг суд.

Повеќе правни експерти и адвокати со искуство во трговско право сметаат дека со времената мерка судијката Настова, на целосно недозволен начин, им забранила на екс сопствениците на Скопски пазар да си ги повратат во владение нивните средства депонирани во кривичниот суд.

Според дел од нив ова може да толкува и како кршење на две уставни начела: право на сопственост и недискриминација но и на презумпција на невиност.

Македонските закони не дозволуваат ваква времена мерка.

Експертите кои ги консултираше expres.mk не сакаат да зборуваат јавно за случајот затоа што некои од нив се плашат од одмазда од Весна Дамева а некои имаат деловни односи со дел од актерите во случајот.

Одлуката на Настова е спорна затоа што Судот по закон може да забрани на друго лице да исплати долг, меѓутоа во ситуацијава граѓанскиот суд тоа не го прави бидејќи би требало да му забрани на кривичниот суд да го исплати побарувањето, што е правно невозможна и апсурдна ситуација, смета скопски експерт кој вели дека со нетрпение чека да види како судијката Настова ќе ја брани својата одлука.

Иако со времената мерка не се дава задолжение за кривичниот суд, граѓанскиот суд одлучува одлуката да ја достави до кривичниот суд, поради што се поставува просто прашање: Зошто судијката Настова го прави тоа што не треба а не го прави тоа што треба согласно законот?

Според законот, како што толкуваат видни правници упатени во проблематиката, судот за да определи времена мерка, мора да каже зошто побарувањето е сторено ,,веројатно”, но во својата одлука се повикува исклучиво на обвинението и неправосилните одлуки во кривичната постапка.
Со тоа судот целосно ја повредува презумпцијата на невиност, воопшто неводејќи сметка за одлуката на Врховниот суд.

Набљудувачите и одбраната сега чекаат да видат како судот ќе образложи со кои конкретни дејствија што ги презеле или пропуштиле поранешните сопственици истите настојувале да ја осуетат или отежнат наплатата на побарувањето на Скопски Пазар.

За овој втор услов за да се дозволи привремена мерка Судот не дава никакво образложение.

Нејасно е зошто судот за времената мерка за 700.000 евра кои по пет години судење пред кривичниот суд Скопје сега се блокирани од граѓанскиот суд, одлучува без воопшто да држи рочиште.

Да се блокираат нечии приватни пари без да се одржи рочиште и да се чујат двете страни е крајно невообичаена и спротивно на судската пракса. Но кога се во прашање сопругот на моќната Весна Дамева кој е управител на фирмата тужител очигледно се е можно.

Освен еден од консултираните експерти со кои разговараше expres.mk за сите останати со одлуката на Граѓанскиот суд се докажува она што беше теза на одбраната во кривичната постапка, дека по секоја цена, без никаква правна основа треба да се земат 700.000 евра од поранешните сопственици на Скопски Пазар.

За тие што не знаат, оваа одлука е донесена од судијката во скопскиот граѓански суд Елизабета Настов за чија кандидатура за судија во апелациониот суд треба да решава токму Весна Дамева, инаку сопруга на директно засегнатиот Младен Дамев во спорот за Скопски пазар.

Преходно случајот во Скопска апелација го водеше судијката Габриела Гајдова за која Дамева се изразуваше во суперлативи при изборот на член на Апелациониот суд во Скопје.

 

Извор: Expres.mk