Проектот треба да биде завршен во 2028 година.

Владата на Канада, инаку четвртиот најголем производител на нафта во светот, одобри спроведување на оспоруваниот проект за вадење нафта од дното на Атлантскиот Океан, изјави синоќа канадскиот министер за животна средина, Стивен Гилбо.

Проектот наречен „Северен залив” што со години го разработува норвешката компанија „Еквинор”, ќе овозможи црпење нафта од наоѓалишта на длабочина од повеќе од еден километар, 500 километри од брегот на Њуфаундленд. Проектот треба да биде завршен во 2028 година.

-Проектот за екстракција на нафта од Северен Залив може да продолжи под одредени, никогаш досега построги еколошки услови, вклучително и досега невидено барање за проекти за нафта или гас, за да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година, рече министерот Гилбо кој е поранешен климатски активист.

Тој посочи дека сеопфатната студија за заштита на животната средина покажала дека проектот нема да предизвика големи негативни последици по животната средина.

Одлуката за проектот кој Зелените го сметаат за вистински еколошки тест за Владата на Џастин Трудо, двапати беше одложена во последните месеци.

Се работи за петта нафтена платформа од таков вид во Канада, што според предвидувањата треба да црпи 300 милиони барели нафта за 30 години.

Изминатите неколку години еколошките активисти често го критикуваа премиерот Трудо за одлуките во врска со нафтениот сектор, особено за национализацијата на гасоводот во 2018 година.