Полската погранична служба денеска соопшти дека од почетокот на воените дејствија во Украина досега границата кон Полска ја преминале повеќе од 2,5 милиони бегалци.

Иако не е јасно колку од 2,5-те милиони бегалци се уште се во Полска, портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека 700 илјади Украинци се регистрирани во полската база на податоци што им дозволува на бегалците да се вработат или да го продолжат своето образование.

„Оние кои се регистрираат за базата на податоци се главно луѓе кои сакаат да останат во Полска“, ја пренесува „Си-Ен-Ен“ изјавата на портпаролот.

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации соопштува дека од почетокот на руската инвазија на 24 февруари Украина ја напуштиле повеќе од 4,3 милиони луѓе. Дополнително, повеќе од 7,1 милион луѓе се внатрешно раселени во Украина, принудени да ги напуштат своите домови, стои во последниот извештај на Меѓународната организација за миграција.