– Ако сакаше Јордан Камчев да избега од Македонија тој воопшто немаше да се врати таму. Тој е бугарски државјанин, беше тука кај нас минатата година, можеше и да не се врати. Имаше можност и со бугарската лична карта легално да ги премине границите со Грција, Бугарија и Албанија, но тој тоа не го направи, вели Каракачанов за Инфомакс.

Каракачанов објаснува дека евентуално бегство на бизнисмен од класата на Орце Камчев, би било многу тешко да биде детектирано дури и за бугарските служби бидејќи таквите бизнисмени имаат многу пари и ако имаат вистинска намера да избегаат од државата најчесто можат да си ја купат слободата и со туѓа државна помош да заминат.

– Бегство со помош на трета држава се организира многу едноставно – ќе го земат со дипломатско возило и ќе го извадат од државата. И толку, вели Каракачанов.

Бугарскиот вицепремиер го обвини директорот на македонската Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски за „лажење“ и „тропање глупости“, нарекувајќи го „бандит“.

– Тие информации дека бугарски агенти му помагале на Јордан Камчев да организира бегство од Македонија се целосна глупост. Лага на Виктор Димовски и неговата банда. Со такви измислени работи власта во земји како вашата имаат една цел – да ги избркаат успешните луѓе од државата, а на бизнисмените да им ги земат парите со рекет. Јасно е тоа. Тоа се случува и кај вас, додава Каракачанов, посочувајќи ја владата на Зоран Заев.

Каракачанов вели дека Македонија е држава заробена од банди, како што е, како што вели, таа на Виктор Димовски, луѓе со сомнително „потекло“ кои работат за странски служби.