Властите во главниот град на Украина, Киев, рано наутро ги повикаа жителите во засолништа, ден по еден од најголемите руски воздушни напади од почетокот на војната во февруари, а според гувернерот на регионот Киев, напад со беспилотно летало е во тек. Предупредувањето до граѓаните градските власти во Киев го соопштија нешто по два часот преку нивниот канал на апликацијата Телеграм додека низ градот одекнуваа сирени.

Гувернерот на Киевската област Олексиј Кулеба на Телеграм изјави дека е во тек напад со беспилотно летало. Сведок за Ројтерс изјави дека слушнал неколку експлозии и ехо од противвоздушен оган на 20 километри јужно од Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи изјави дека воздушните сили низ Украина одбиле 54 руски проектили и 11 беспилотни летала тој ден. Тој призна дека повеќето региони во Украина биле погодени од прекини на електрична енергија по новото руско гранатирање, кое повторно ја гаѓаше енергетската инфраструктура.