Криминалот не познава етнички граници, додека политичарите и народите на Балканот сè уште не успеваат да изградат соработка за заедничка и посигурна иднина. Оваа порака ја упати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за време на панел-дискусијата организирана од Аналитичкиот центар „Абдулаким Адеми“.
Говорејќи за опасностите од дрогата и организираниот криминал, Ахмети посочи на парадоксот со кој се соочува целиот регион, каде криминалците соработуваат без оглед на етничката припадност, додека политичарите и народите не успеваат да го сторат истото.
„Дрогата не е опасност само за едни, туку за сите нас. За жал, денес криминалците соработуваат меѓусебно, без разлика на етничката припадност – нивниот криминал е мултиетнички“, истакна Ахмети.
Тој нагласи дека токму отсуството на соработка меѓу народите и нивните политички претставници претставува една од најголемите трагедии на просторите на Балканот.
„Трагедијата е во тоа што народите и политичарите кои ги претставуваат – и Македонците, и Албанците, и Србите – не успеваат да соработуваат за да изградат мирен Балкан и посигурна иднина за сите нас“, порача Ахмети.
Официјалните институции во земјата не собираат ниту објавуваат статистички податоци за стапката на криминал или сторителите на кривични дела класифицирани по нивната националност или етничка припадност.
Двете клучни институции задолжени за евиденција на криминалитетот во земјата – Министерството за внатрешни работи и Државниот завод за статистика – во своите редовни годишни извештаи за периодот од 2017 до 2024 година не го третираат етничкото потекло на сторителите. Оваа пракса е во согласност со меѓународните стандарди за заштита на човековите права и спречување на стигматизација на одредени етнички заедници.
Наместо по националност, официјалната статистика за сторителите на кривични дела се води и класифицира според демографски и правни параметри. Податоците за пол и возраст се строго поделени на полнолетни лица и деца во конфликт со законот, со дополнителна категоризација по пол. Кај државјанството се прави јасна разлика единствено меѓу домашни државјани и странски државјани кои извршиле кривично дело на територијата на државата. Според видот на кривично дело, извршителите се гонат и статистички се следат според главите од Кривичниот законик, како кривични дела против животот и телото, против имотот, против јавниот ред и мир и слично, додека според степенот на постапка статистиката ги следи лицата во три фази – пријавени сторители, обвинети лица и правосилно осудени лица.
