Завршија одвоените средби во Охрид на европските претставници со претставници на Србија и Косово.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, и претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, утрово најпрвин се сретнаа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а потоа и со премиерот на Косово, Албин Курти..

Наскоро ќе започне заедничка средба на која ќе учествуваат Курти, Вучиќ и европските претставници.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за Радио Слободна Европа изјави дека присуството на Вучиќ и Курти во Охрид е историска можност.

„Ова е навистина можност да се оддалечиме од настаните од 90-тите и од настаните од 1999 година и да се преселиме во 21. век. Тоа е можност не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион“, изјави Ескобар за РСЕ.

На средбата во Охрид, Северна Македонија, тој присуствува како набљудувач.

На прашањето кои се неговите реални очекувања од денешната средба, Ескобар рече:

„Нашето најголемо очекување денеска е финализирање на имплементацијата на анексот на договорот за нормализација“.

Тој посочи дека договорот за нормализација „создава мирни, предвидливи и пријателски односи меѓу Србија и Косово“ и „ја отвора вратата за двајцата побрзо да влезат во евроатлантските структури“.