Го читам внимателно колегата Љубиша Николовски, како се обидува да објасни дека Платформата 12.05 отвора прашања што постојат и меѓу членството на СДСМ и дека пласира ставови за демократизација, кадровска политика, отчетност и потреба од нова визија. И “наместо тие прашања да станат тема за дебата, конфликтот се персонализира“, пишува колегата на Фејсбук.
Е баш штета…
Пишува: Бранко ГЕРОСКИ
„Раководството, од своја страна – мудрува Николовски – има право да го штити единството на партијата, но ризикува да остави впечаток дека не трпи различно мислење. Во секоја политичка партија постои граница меѓу дисциплина и внатрешна демократија. Ако секоја критика се третира како напад, тогаш се намалува просторот за корекција на политиките“.
Николовски не пропушта да ја предупреди и Платформата „да биде внимателна“, затоа што секое дистанцирање до степен на „посебен субјект“ кој бара „преговори” наместо разговори – објаснува Николовски – води кон непомирливи позиции од кои потоа нема враќање, туку создавање посебен политички субјект.
Новинарот, со кого сум полемизирал во повеќе прилики, вели дека сево ова било „тест за лидерството на Венко Филипче“, за тоа „дали ќе покаже капацитет да интегрира различни мислења“.
„Најголемиот проблем е што јавноста гледа опозиција која повеќе се занимава со себе отколку со власта – поентира Николовски. – Во момент кога ВМРО-ДПМНЕ има комотна позиција, граѓаните очекуваат силна и организирана опозиција. Наместо тоа, вниманието е насочено кон меѓусебни пресметки. Оттаму, кризата во СДСМ денес не е само идеолошка или програмска. Таа е пред сè криза на легитимитетот на лидерството. Старите поделби меѓу различните струи останаа, но повеќе нема лидер со доволен политички капитал што може да ги надмине и да ги интегрира во една функционална целина“.
Го читам така Љубиша Николовски и ми текнува на начинот на кој легендарниот водител на квизот „Квискотека“, Оливер Млакар, им одговараше на натпреварувачите кои дава технички точни одговори, но неповрзани со суштината на прашањата. Со блага насмевка и со нему својствената беневоленција, Млакар коментираше: „Да, ама не е битно“.
Така и јас го доживувам овој внимателно срочен пост-есеј на колегата Љубиша. Сè што кажува тој во основа е точно, но сепак е небитно за она што се случува и во СДСМ, и со Филипче, но и со очекувањата на Игор Ивановски и на другите од Платформата 12.05.
Значи: да, драг колега, сè што напиша ти е точно, ама – не е битно!
А еве и зошто.
Партиите се обединуваат околу идеи, водствата се легитимираат со политики. Не е тоа прашање на лични предиспозиции, на „лидерски капацитет“ или на тестирање колку вреди и колку врши работа плашењето со политичкиот противник. Демек, „ВМРО-ДПМНЕ е во комотна позиција, а ние во СДСМ се караме“.
Па во СДСМ се караа и кога беа на власт. Зоран Заев гонеше „бранковисти“. Се караше и со „крилото“ на Радмила Шеќеринска. Отсекогаш СДСМ се делело на „провинција“ и на „скопско крило“. На „интелектуала“ и на „рурално крило“. Се делел СДСМ дури и по кафулињата, од улицата Македонија до Ленинова. Отсекогаш фракции. Пукшкарање. Пушење и карање…
Сето тоа е така, ама сепак – не е битно.
Суштинскиот, битен проблем на СДСМ е што ова водство на партијата, на чело со Филипче и со менторот Заев во позадината, заговара и промовира погрешни, а во некои области дури и погубни политики. На таа основа, за одбрана на таквите политики, Филипче го екипирал и својот тим.
Може ли, на пример, да се одбранат про-софиските ставови на Венко Филипче, кои на моменти звучат и како класичен живковизам? Тешко. Затоа човекот си се екипирал со Фрчковци. Реално, тие се идеолозите на Бихаќка, единствени кои можат да се потрудат да ја одбранат таа губитничка политика. Има тука и некои помалку битни медиумски вувузели и тапанари, ама Фрчкоски Постариот е вистинскиот мајстор за такви заводливи спинови.
Нема тука љутиш, тоа е логичен избор за човек кој очигледно има задача да ја цементира губитничката поза на СДСМ!
Така е и со повеќе други клучни политички и идеолошки теми. СДСМ е идеолошки и политички неартикулирана партија, која наместо политики во јавноста пласира евтини спинови и пароли лишени од било какво суштинско значење. Тоа води до маргинализација на партијата до степен на непрепознатливост.
Никој, на пример, не знае каков е ставот на СДСМ за изборниот модел, па сега Венко Филипче буквално со празни раце оди на координација со Левица и со другите опозициски партии – пази ваму, на собир што го свикува Левица! – за таму да се гради единствен став на опозицијата за Изборниот законик.
Аууу… Никогаш СДСМ не бил на олку ниски гранки!
Левица за СДСМ денес е партија, а Филипче од Бихаќка направил певачко друштво!
Ете затоа Филипче е “одлепен” и од членството и од симпатизерите на СДСМ, освен од оние ангажирани на клиентилистичка основа. И тука веќе нема “лепење”. Затоа му се појавуваат фракционери, кон кои се однесува насилнички, бидејќи се плаши дека тие ќе го забрзаат неговиот пад, до кој природно ќе дојде кога СДСМ ќе ги изгуби наредните парламентарни избори. А ќе ги изгуби, тоа е барем јасно како бел ден.
Со голема доза на внимателност, што бездруго треба да се почитува, Љубиша Николовски пишува дека во СДСМ во моментов нема лидер “со доволно политички капитал да ги надмине поделбите”.
Да, драг колега, во право си и за ова! За оваа полуреченица можеби пак ќе те касапат во информерските соопштенија од Бихаќка…
Ама и тоа не е битно!
Мора да се сфати дека Филипче никогаш не бил лидер на СДСМ. Тој не е „растен“ во СДСМ. Тој е донесен во партијата и октроиран за нејзин „лидер“. И како таков, од него не треба ништо посебно да се очекува. Тој не може поинаку. Не сака и не може, како бе тоа не ви е јасно?!
Прашање е дали партијата може поинаку. А уште поважно прашање е дали Платформата 12.05. може поинаку.
Игор Ивановски и сите тие луѓе таму се надеваа на демократска дебата, без фронтален судир со екипата на Филипче, со неговиот информерски пишувач на соопштенија, со неговите идеолози од Тему и со него самиот, лигав и нервозен како никогаш порано.
А бе луѓе, не бива таа работа!
Грешат Игор Ивановски и другите од Платформата 12.05. Нема да има промени во СДСМ без Филипче да се повлече или да биде сменет. А нема да се повлече. Сите фракционери ќе ги избрка, ако треба, но нема да се повлече. И нема да биде сменет, бидејќи во СДСМ нема луѓе спремни за таков потфат.
И секако нема да има никакво спасоносно обединување.
Добро ќе биде ако има барем некаква битка. На СДСМ му е неопходна катарза. Битка што ќе води до промена.
Уште Тито има кажано – партија се гради низ битка.
Партијата не може да се „интелектуализира“ и да се зајакне на тој начин што Филипче ќе покаже “добра волја” кон фракционерите, па сите заедно ќе се гушнат, ќе се целиваат и ќе заиграат Козарачко коло.
Се сеќавам, Бранко Црвенковски, своевремено, на една група интелектуалци, кои го убедуваа да се откаже од “руралното крило” во партијата (Бузлевски и другите) и да се опкружи со луѓе од интелектуалната елита, им рече – а што ќе ми се на мене интелектуалци, па јас не одам на квиз, туку на избори!
Хахахаха… Како ја олади Бране интелектуалава тогаш, ко патлак у замрзивач!
Поентата ми e во следново: во политиката не водат и не победуваат „интелектуалците“, паметните, капацитетните. Тоа е заблуда. Победуваат „политичките животни“. Венко Филипче никогаш не бил зоон политикон во вистинска смисла на зборот. И ниту ќе биде. Тој е само ситен калкулант со привремен ангажман во СДСМ, од кого не може и не треба да се очекува ништо повеќе од ова што го прави сега.
А ова сега е – катастрофа!
