Македонија се наоѓа на чекор од потврда на постигнатите резултати во процесот на евроинтеграциите, остварувајќи највисоки стандарди во реформскиот процес. Очекувањата од претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан се дека европските партнери ќе го препознаат напредокот и јасно ќе ја зацврстат европската перспектива на регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија е најдобра во испораката на реформи во рамки на реформскиот процес за полноправно членство во ЕУ. Тој очекува на Самитот ЕУ – Западен Балкан да се потврди претходно искажаното, односно дека Западниот Балкан е дел од Европа и дека процесот на негова интеграција многу скоро ќе стане реалност.
Мицкоски најави дека вечер во Брисел ќе има средби со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.
„Очекувам да се потврди она кое што досега е кажано, а тоа е дека Западен Балкан е дел од Европа и дека процесот на интеграција на Западен Балкан во рамките на Европа многу скоро ќе стане реалност, за да можат граѓаните од Западен Балкан кои долго време заслужуваат да бидат на масата, навистина да бидат на масата“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека не се согласува со оцените оти Албанија и Црна Гора напредуваат пред Македонија на патот кон ЕУ, потсетувајќи на метафората за нестабилниот пат на регионот и нагласувајќи дека земјата останува лидер во спроведувањето на реформските задачи.
„Па не би се согласил дека одат. Мислам дека не е баш така. Ќе се вратам на онаа моја изјава за автобусот што се ниша. Така во моментот личи нивниот пат. А ние испорачуваме реформи, ние сме навистина „фронт-ранери“ кога станува збор за реформската агенда. Не би го коментирал ставот на господинот (Герт Јан) Копман. Него го сметам за пријател на Македонија, тој има додадена вредност во процесот на испорака на реформите кои што се дел од реформската агенда. Ние високо го цениме неговиот придонес во рамките на овој процес. Многу скоро ќе имаме повторно работна видео врска на која што уште еднаш ќе го прегледаме статусот за декемврискиот или полујануарскиот извештај“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека очекува средба со Копман во Брисел и потврди дека фокусот на Владата останува исклучиво на остварувањето на домашната реформска програма.
„Ние сме фокусирани на она што подразбира напредување врз основа на испорака на реформи. Билатералните прашања за жал се реалност која што ја донесе претходната влада, но, ние одбиваме да разговараме за билатерални прашања како пречка на нашиот пат кон полно зачленување во Европската Унија. Ние сме подготвени заедно со ЕУ, заедно со тие кои што имаат билатерални нерасчистени односи со нас, ако е потребно во рамките на овој процес да седнеме било каде, било кога и на било која тема. За жал, како што гледам од друга страна нема интерес, така што ние ќе си продолжиме да го испорачуваме она што е наша домашна задача“, додаде Мицкоски.
