Жалбата е доставена до Урсула фон дер Лаен

Централниот совет на Македонците во Германија (ЦСМГ) поднесе формална жалба до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, обвинувајќи ја Бугарија за „идентитетско-политички уцени“ кон Македонија во евроинтегративниот процес.

Во жалбата, Советот бара институционална потврда дека македонскиот јазик е самостоен и меѓународно признат јазик, како и бришење на бугарските условувања од преговарачката рамка.

Од ЦСМГ предупредуваат дека бугарските позиции не се дел од европското законодавство, туку претставуваат билатерални барања што, според нив, се косат со темелните вредности на Европската унија.

Во фокусот на жалбата е Протоколот од 17 јули 2022 година, за кој Советот тврди дека преку различни механизми бил вметнат во преговарачката рамка за Македонија.

Предупредуваат на правна несигурност за Македонците во ЕУ

Организацијата наведува дека евентуално институционално прифаќање на бугарските позиции може да создаде сериозни последици за Македонците во Германија и пошироко во Европската унија.

„Доколку позицијата на Бугарија според која македонскиот јазик не претставува самостоен јазик добие институционално признание во контекстот на ЕУ, ќе настане конкретна правна несигурност за лицата од македонско потекло во Германија и во целата Унија. Не би било исклучено германските училишни сведителства во кои македонскиот јазик е наведен како наставен предмет да бидат доведени во прашање во нивната доказна вредност во рамките на внатре-европскиот промет при аплицирања, при признавањето на студиските постигнувања или во рамките на признавањето на професионалните квалификации според Директивата 2005/36/EЗ“, предупредуваат од ЦСМГ.

Оттаму додаваат дека проблеми би можеле да се појават и кај судските преведувачи, наставниците по македонски јазик, студентите и лицата што поседуваат дипломи и сертификати поврзани со македонскиот јазик.

„Евентуално институционално прифаќање на бугарските позиции би можело да предизвика сериозна правна несигурност за Македонците во Германија и пошироко во Европската унија, а во прашање би можеле да се доведат училишни свидетелства, професионални квалификации, лиценци за судски преведувачи, како и признавањето на дипломи и јазични сертификати поврзани со македонскиот јазик. Непосредно и на посебен начин погодени од оспорувањето на постоењето на македонскиот јазик се преведувачки и преведувачи кои положиле државни испити и се судски овластени, толкувачки и толкувачи за македонскиот јазик, чии квалификации се стекнати преку испитни органи на германските сојузни покраини, јазични посредници кои работат за германски органи, судови, социјални установи, болници и образовни институции, наставнички и наставници по македонски јазик во рамките на дополнителната наставата по мајчин јазик, како и ученички и ученици кои го изучуваат македонскиот јазик како наставен предмет во германските училишта“, наведуваат од Советот.

Бараат бришење на бугарските услови од преговарачката рамка

Од ЦСМГ бараат Европската комисија да ги отстрани упатувањата кон Протоколот од 2022 година од преговарачката рамка за Македонија и официјално да утврди дека прашањата за јазикот, идентитетот и историјата не смеат да бидат дел од пристапните преговори.

„Бришење на упатувањата кон Протоколот од 17 јули 2022 година во преговарачката рамка за пристапување на Република Македонија, одлука на Европскиот совет со која изрично се утврдува дека прашањата на националниот јазик, идентитет и историја не се составен дел на пристапните преговори, покренување постапка по член 7 од ДЕУ против Бугарија, односно постапка за повреда на договорите според член 258 од ДФЕУ, изрично институционално разјаснување од Европската комисија дека македонскиот јазик е самостоен, меѓународно признат јазик и обезбедување на реципрочност — Бугарија моментално игнорира 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои налагаат регистрација на македонските малцински организации во Бугарија“, бараат Македонците од Германија.

Советот потсетува дека Македонија веќе направила значајни отстапки на патот кон ЕУ, вклучително и промена на државното име, и оценува дека нови барања поврзани со националниот идентитет „повеќе не се прифатливи“.