Значително поевтинување на цената на струјата за домаќинствата кои штедат од 1 јануари нема да има, оние кои трошат повеќе ќе плаќаат повеќе. За малите фирми на регулираниот пазар цената се намалува за 20 отсто. Регулаторна ги намали цените на преносот и мрежарината и со тоа ја компензираше владината одлука за зголемување на ДДВ-то за струја од 5 на 10 отсто. Владата ќе го оданучува екстра профитот – воведува кризен данок од 30 отсто за копмании кои оствариле над 10 милиони евра профит оваа година

 

СКОПЈЕ – Значително поевтинување на цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари нема да има, додека за малите компании кои се на регулираниот пазар ќе има опипливо намалување на висината на сметките за потрошена струја. Регулаторна денеска ги соопшти цените на струјата за тарифните блокови за домаќинствата и за компаниите на регулираниот пазар.

Ако домаќинството чија потрошувачка била исклучиво во првиот и вториот тарифен блок и плаќало сметка за струја во висина од две илјади денари, од 1 јануари, доколку ја има истата потрошувачка, според пресметките ќе плати педесетина денари помалку, пари доволни да се купи едно чоколадо.

Од Регулаторна соопштија дека ги намалиле дел од клучните параметри за формирање на цената на струјата како преносот и мрежарината а се со цел да се компензира одлуката на Владата за зголемување на ДДВ-то за струја од 5 на 10 отсто.

Со последната одлука на регулаторна, од 1 јануари преносот на електрична енергија е понизок за 8,66 отсто додека мрежарината се намалува за 19,5 отсто.

Она што е клучно за домаќинствата е дека мрежарината, која предизвика бурни реакции во јавноста а која досега чинеше 3,37 денари за потрошен киловат час се намалува на 2,68 денари.

Регулаторна ги соопшти и пресметките за четирите тарифни блока. Во првиот и вториот блок цената на киловат час потрошена струја се намалува додека во третиот и четвриот блок се зголемува.

Во блок 1 киловат час сега наместо 7,7 денари ќе чини 7,41 денар, во вториот наместо 8,08 денари ќе чини 7,84 денари, во третиот наместо 8,66 денари ќе чини 8,74 денари а во четвриот блок наместо досегашните 17,48 отсега ќе се плаќа 18,81 денар за потрошен киловат час што значи дека оние кои трошат многу ќе плаќаат повисоки сметки.

Кај евтината струја нема поместување и цената останува речиси идентична 4 денари по киловат час.
„99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија. Доколку домаќинствата продолжат да штедат многу мал процент од нив ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се конкретни мерки со за да им се подобри животниот стандард“, изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Кога станува збор за регулираниот пазар каде се наоќаат речиси 70 илјади мали компании намалувањето на цената на киловат час е значително и изнесува 20 отсто. Од 1 јануари новата цена за киловат час во скапа тарифа е 13,73 денари додека во евтина е 10,78 денари.

„Како што кажувавме претходно со оваа наша одлука ќе се сконцентрираме да им помогнеме на малите потрошувачи на регулираниот пазар. Вкупната цена се намалува за 20,15 отсто. Оваа цена ќе се применува за 70 илјади компании во државата, компании кои се соочуваа со зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се мали и микро компании – мали продавници, фризерници, мали кафулиња, компании на кои им треба оваа помош“, кажа Бислимовски.

За регулаторите клучно при одредувањето на новите цени на струјата билозажтина на животниот стандар и стимулирање на потрошувачите за рационално трошење но и зголемено производство на ЕСМ.

Економскиот тим на Владата денеска соопшти дека воведува данок со кој ќе се оданочи ектра профитот кај компаниите. „Кризниот данок“ како што го нарече вицепремиерот за економски прашања Фатми Битиќи, е еднократен важи само за 2022 година и ќе се применува за компании кои имале годишен приход од над 10 милиони евра и при тоа ќе го зголемат профитот за повеќе од 20 отсто во однос на претходните четири години. Колку компании ќе бидат опфатени со овој данок засега нема информација.

„Ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиони евра – разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка, само за оваа година. Тоа се дополнителни 240.000 евра кои ќе бидат платени на име на данок на добивка“,кажа Битиќи.

Околу новиот данок реагираше Стопанската комора на Македонија од каде посочија дека овој дополнителен данок на добивка на крајот на фискалната 2022 година, претставува репутациски ризик за државата и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека соседните држави немаат воведено сличен данок.