Неексплодирана експлозивна направа била пронајдена во планински предел над селото Доброште, тетовско.

Случајот бил пријавен на 24 септември во 08:10 часот во Полициското одделение Теарце од 40-годишен жител на селото.

Според пријавеното, ден претходно, во попладневните часови, неговиот малолетен син и неколку негови другари, додека се движеле со велосипеди во планинскиот предел над селото, забележале неексплодирана експлозивна направа.

Местото било обезбедено од полициски службеници од Полициското одделение Теарце, по што направата била преземена од претставник на Дирекцијата за заштита и спасување за понатамошна постапка.

При преземањето било констатирано дека се работи за рачна бомба од германско потекло.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.