Загрижувачки податоци од истражување на Институтот за јавно здравје
Марихуаната е најчесто употребуваната дрога во Македонија. Ова го открива најновиот извештај на Институтот за јавно здравје како дел од европското веб-истражување за дроги за 2024 година. Според податоците, 32% од корисниците на недозволени супстанции избираат токму канабис, што го прави најраспространета дрога во земјава.
Употреба на канабис и во опасни и невообичаени ситуации
Особено загрижува податокот што повеќе од половина од испитаниците признале дека управувале возило додека биле под дејство на марихуана. Дополнително, канабис се користел и на работни места и во училишта, што укажува на недоволна контрола и ниска свест за ризиците.
Според ИЈЗ, освен во работни простории и образовни установи, марихуаната се користела најчесто дома, во природа, на јавни места, но и на музички фестивали, клубови и барови.
Стресот – главната причина за употреба на дрога
Директорката на Институтот за јавно здравје, Андоновска, посочува дека најчест мотив за користење на канабис е намалување на стресот и потребата за опуштање. Овој податок открива колку менталното здравје и начинот на справување со секојдневниот притисок играат улога во зголемената употреба на психоактивни супстанци.
И други опасни супстанци – без рецепт и со алкохол
Покрај канабисот, бензодиазепините (без лекарски рецепт), производите со канабидол (CBD) и кокаинот (18,4%), често комбиниран со алкохол, се меѓу најупотребуваните дроги. Овие комбинации значително го зголемуваат ризикот од зависност и здравствени последици.
Мал број лица бараат третман – доминира стравот од стигма
Извештајот покажува дека многу мал број луѓе побарале третман во последните 12 месеци. Најчести причини за избегнување на терапија биле стравот од стигма, правните последици и недовербата во однос на доверливоста на процесот.
Извор: Канал 5