Полицијата приведе повеќе лица по физичка пресметка на скопските улици

Единаесет лица се приведени по масовна тепачка што доцна синоќа се случила на подрачјето на Шуто Оризари. Во инцидентот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени на лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 3 јуни во 23:04 часот, кога било пријавено нарушување на јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка во која учествувале повеќе лица.

Со тешки телесни повреди се здобиле Е.Ј. (35) и М.Ј. (37), по што биле пренесени во болница за укажување лекарска помош.

Во врска со настанот, полициски службеници ги лишиле од слобода С.Џ. (53), М.С. (27), Џ.Џ. (28), А.К. (44), С.С. (29), Ф.М. (46), Ф.С. (20), Д.Ј. (21), Е.Ј. (32), Ј.Ј. (27) и Н.Ј. (54), сите од Скопје.

По целосното расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.