Во вкупно 32 португалски градови денеска се одржаа масовни протести на кои илјадници граѓани побараа итни мерки од владата за надминување на сериозната станбена криза што ја зафати земјата.
Протестите ги организираше платформата „Дом за живеење“ (Casa Para Viver) под мотото „Нема да ни го украдат правото на дом“. Митинзи и јавни собири беа организирани во Лисабон, Порто, Фаро, Портимао, Коимбра, Брага, како и во низа други населени места.
Демонстрантите побараа воведување на построга контрола врз висината на станарините, поголема заштита на закупците од присилно иселување и зголемени државни инвестиции во изградба на пристапни јавни станови. Исто така, тие упатија барање за повлекување на најновиот предлог-закон за изнајмување станови, кој предвидува поголема флексибилност во договорите за закуп и воведува забрзани процедури за иселување.
Платформата „Дом за живеење“, која обединува околу 100 здруженија за домување и локални граѓански организации, инсистира на построги регулативи за договорите за закуп, воведување мерки за празните имоти, регулирање на краткорочните туристички изнајмувања и сузбивање на шпекулациите на пазарот со недвижности.
Масовните протести во Португалија се интензивираа токму по владиниот предлог за измена на законот за закуп на станови. Активистите предупредуваат дека предложените законски измени можат дополнително да ја ослабат заштитата на закупците во период на постојан раст на цените и намалена достапност на станови за живеење.
Претседателот на Португалија, Антонио Хозе Сегура, веќе оствари средба со претставниците на активистите за домување. Истовремено, организаторите на протестот упатија јавен повик и до премиерот Луис Монтенегро директно и лично да се вклучи во дијалогот за надминување на кризата.
