Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го означи почетокот на работите за реконструкција и трансформација на Старата чаршија, една од најзначајните инфраструктурни интервенции во ова историско подрачје во последните децении.

Проектот опфаќа површина од 1.567 м² и предвидува реставрација на калдрмата со травертински камен, со што се зачувува историската автентичност на Чаршијата, како и целосна модернизација на подземната инфраструктура, вклучувајќи водовод, канализација, електрична мрежа и оптичка инфраструктура.

Интервенцијата вклучува и ново осветлување во традиционален стил, уредување на пешачките површини и поставување урбана опрема, со што се создава функционален и атрактивен простор за граѓаните и посетителите.

– По повеќе од пет децении без сериозни интервенции, започнуваме вистинска трансформација на Старата чаршија. Ова е инвестиција што го враќа урбаното достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор – изјави Меџити.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 29 милиони денари. Се планира Чаршијата повторно да стане модерен, функционален простор со зачуван историски идентитет.