И покрај многуте непроверни информации кои циркулираа низ медиумите дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски работи деструктивно и не ѝ честитала на Радмила Шекеринска, премиерот го кажа спротивното.

Мицкоски ѝ честиташе на Шекеринска

„Не е тајна дека во минатото сме имале многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките, идеолошки разлики – и тоа не треба да го криеме, бидејќи доаѓаме од различни политички семејства и опции. Но, како влада имавме предизвик за одлуката кого и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО, бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема тука, бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие.

Мицкоски: Активно разговаравме со нашите сојузници

Затоа ние како влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. За нас националното единство и интересите се пред партиските интереси и да се има Македонка за заменик-генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната алијанса во историјата е навистина чест. И тука немавме дилема, и добро е што успешно се заврши“, рече Мицкоски.

Потоа тој соопшти дека уште вчера ѝ се јавил по телефон на Шекеринска и разговарал, со порака дека нема дилема дека треба да соработуваат и заедно да направат сѐ што можат да ѝ помогнат на македонската армија, а со тоа и за безбедноста.