Во годината кога Советот на Европа ја одбележува 75-годишнината од своето основање, министерот Муцунски, на покана на претседателот на Парламентарното собрание, Теодорос Русопулос, ќе се обрати пред парламентарните делегации на земјите членки на организацијата.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ќе се осврне на актуелните кризи и предизвици со кои се соочува европскиот континент, од руската воена агресија врз Украина, последиците од пандемијата, економската криза, демократското назадување и порастот на екстремизмот и дезинформациите, трговијата со мигранти, па сè до влијанието на климатските промени и новите технологии.
Во рамки на посетата на Стразбур министерот Муцунски ќе оствари средба и со претседателот на Парламентарното собрание Теодорос Русопулос, со новиот генерален секретар на Совет на Европа, Ален Берсе, како и со претседателот на Европскиот суд за човекови права, Марко Бошњак.