Решенија за сообраќајниот хаос во Аеродром

Кандидатот за градоначалник на Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Митески, во изјава за Радио Лидер најави конкретни мерки за олеснување на сообраќајот во општината. Тој информираше дека веќе се работи на идејно решение за воведување еднонасочен сообраќај.

Веќе работиме идејно решение за еднонасочен сообраќај во делот на Стар Аеродром и Мичурин каде постојната инфраструктура ќе се обидеме да ја искористиме за воведување на една лента за паркирање, велосипедска патека и една лента за движење со смирен сообраќај до 30 километри на час. Сообраќајни инженери ќе го понудат овој чекор бидејќи ова е најбрзиот чекор кој може да го понудиме на граѓаните. Слушам противкандидатите ветуваат подземни гаражи, катни гаражи… Се е тоа процес, ниту имаат локација, ниту знаат каде, ниту знаат колку ќе чини. Затоа конкретно нудиме решение кое ќе може да го имплементираме брзо, рече Митески за Радио Лидер.

Брзи и изводливи проекти

Граѓаните немаат време да чекаат уште четири години: да се смени урбанистички план, па да се прави проект, па на крај да остане нереализирано. Ова е произлезено од идеите на граѓаните. Имавме многу средби. Мене ова ми изгледа разумно и брзо за реализација, заклучува Митески за Радио Лидер.

Заедничка изјава со Ѓорѓиевски

Ваквите најави на Митески следуваат по неговата вчерашна заедничка прес-конференција со кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој вчера во изјава за медиумите најави дека Општина Аеродром ќе добие нов кружен тек, нов мост и уште многу други инфраструктурни проекти.

Еден од првите проекти што ви ги претставувам како дел од мојата програма е редизајнот на ова вкрстување меѓу булеварите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Јане Сандански“ со улиците „Руди Чаевац“ и „Симеон Кавракиров“. Оваа точка ќе ја решиме со проектирање на модерен кружен тек, според највисоки европски стандарди со безбедносни острови, јасна сигнализација, уредени пешачки премини и оптимизирани пристапи. Така ќе обезбедиме побезбедно, побрзо и поефикасно движење за сите. Овој кружен тек е еден од оние кои се интегрирани во концептот за редизајн на 50 критични крстосници и улици. Тој концепт, кој до 2030 година треба да биде целосно реализиран, има за цел да го доведе Скопје до визијата „нула фатални несреќи“, истакна Ѓорѓиевски.

Гостувањето на Митески на Радио Лидер погледнете го во продолжение: