Згрозени сме, наместо да покажат почит кон починатите, Забрчанец не се воздржува од себепромоција па на социјалните мрежи објавува фотографии со наслов: Одиме во живо наскоро. Ова е невкусно, во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција туку потребна е одговорност. Нема никаков одговор за автобуската несреќа, се уште се обидуваат да ја зачуваат власта преку одржување на нивната неспособна коалиција, а бугарските власти веќе дадоа првични информации по спроведената истрага, обвинува Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Според бугарските обвинители и истражители позната е причината за несреќата. Согласно информациите во медиумите констатирано е дека автобусот бил стар и „репариран“ во Турција и дека целата опрема му е заменета, а допрва треба да се разјасни кои од деловите биле оригинални, фабрички, а кои не. Овие информации само ги потврдуваат претпоставките кои пред неколку дена на прес-конференција ги поставивме како прашања до СДСМ. Власта треба да одговори дали е вистина дека автобусот фабрички бил наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски таблици, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички? Дали согласно историјатот на промени на регистарски број и орган на регистрација автобусот е регистриран на прилепски таблички на 13.10.2020 година и само после два дена, на 15.10.2020 е направена промената на скопски регистарски таблички? – посочи таа.
Митева запраша: Дали согласно историјатот на промени на носивост, број на места за седење автобусот има 49 седишта на 14.10.2020 година, а промената на 54 седишта е направена на 08.02.2021 година?
-Дали само после неколку месеци во сообраќајната дозвола намената односно носивоста му пораснала на 54 патници односно за повеќе од 10% од фабрички утврденото? Кој имал направено хомологација – атест и го одобрил тоа? Дали поради оваа сомнителна промена автобусот не можел да добие соодветна лиценца за меѓународен транспорт? Ова се сериозни индикации за сторена злоупотреба и доколку е вистина одговорност мора да понесат сите од власта затоа што поради пропустите во системот 45 граѓани ги загубија своите животи. СДСМ и ДУИ мора да запрат со добро позната тактика која ја применуваат за префрлување на вина, а одговорност од никого. Ниту еден од нив не понел одговорност за случувања кои се под нивна надлежност во институцијата што ја раководат, а имаат должност и обврска да водат сметка за начинот на раководење и за резултатите од тоа. Оставките и ослободување на институциите се механизми за понесување политичка одговорност, кога веќе ја немаат моралната одговорност, истакна Митева.