Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека предвремени парламентарни избори нема да има, бидејќи владината коалиција очекува победа на претстојните локални избори закажани за 19 октомври.
„Владата е стабилна и кохерентна, а владината коалиција ќе победи на овие локални избори“, изјави Мицкоски на средба со новинарите.
Тој нагласи дека Владата има полн мандат од четири години, кој ќе биде искористен за реализација на ветените проекти. Според него, предвремени парламентарни избори би значеле нивно одложување.
„Како ВМРО-ДПМНЕ можеби би ни одговарале предвремени парламентарни избори, но ние не ги гледаме работите партиски, туку државнички. Ако одиме на избори сите проекти кои треба да ги имплементираме би имале стагнација од најмалку шест месеци“, додаде премиерот.
На прашање дали очекува инциденти или нерегуларности за време на изборниот процес, Мицкоски рече дека нема такви сознанија.
„Некој нема што да им понуди на изборите на граѓаните освен национализам, бидејќи ДУИ во измнинатите 22 години не може да се препозне по некој реализиран проект. Затоа е логично да играат на национализам зашто таму се најсилни. Тие се ориентирани кон минатото, а ние кон иднината и реализацијата на ветените проекти“, истакна тој.
Премиерот најави дека нивната кампања за локалните избори ќе биде позитивна, без етнички поделби и негативни пораки.
„Нашата работа е на терен со нудење на проекти, а нивната на етнички поделби и враќање во минатото“, заклучи Мицкоски.