Реакција по писмата до европските институции

Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на информацијата дека лидерот на СДСМ Венко Филипче испратил писма до институции на Европската Унија и до амбасадорите на земјите членки во земјава.

„Секој има право да си се допишува и да праќа писма, но моите чувства се се посилни“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Писма до ЕУ и амбасадори

Од СДСМ претходно денеска соопштија дека Филипче упатил официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и до амбасадорите на земјите членки на ЕУ.

Во писмата, како што наведуваат од партијата, се изразува загриженост за состојбите во државата.

„Подолг период сведочиме на системско поткопување на поделбата на власта, владеењето на правото и основните принципи на уставноста. Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам, стои во писмата во кои директно се посочува улогата на премиерот Христијан Мицкоски и се нотираат најавите со закани врз опозицијата и најавата за политички прогон.“

Обвинувања и политички реакции

Во содржината на писмата се наведуваат и оценки за политички притисоци и можни прогонства.

Во изјава од пред два дена, Мицкоски посочи дека очекува опозицијата да реагира и во случаи на евентуални постапки против поранешни функционери.

„Очекувам истата оваа опозиција да се однесува вака критички како што сега се однесува кога имам чувство дека набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството итн ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информација, имам чувство. Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку ќе ги повикат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност“, изјави Мицкоски.