Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, не поднел оставка, туку користи боледување поради здравствени проблеми.

Одговарајќи на новинарско прашање по обвинувањата од СДСМ и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, Мицкоски рече дека во моментов општината има законски избран заменик-градоначалник кој времено ги извршува надлежностите.

„Не знам од каде ви е заклучокот дека градоначалникот на Карпош дал оставка, градоначалникот е на боледување. Моментално имаме законски избран заменик градоначалник, кој го заменува додека е на боледување“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Лукровски има здравствени проблеми, но одби да навлегува во детали.

„Поради одредени здравствени проблеми… Иако имаше такви политички глодари кои излегоа и се ситеа на здравствената состојба на тој човек. Јас нема да ги коментирам тие политички глодари“, изјави премиерот.

Мицкоски му посака брзо закрепнување на градоначалникот и рече дека очекува тој наскоро да се врати на функцијата.

„Посакувам брзо опоравување на градоначалникот и побрзо да се врати. А до тогаш, ќе го заменува заменик-градоначалникот. За здравствената состојба ниту сум овластен ниту сакам да ја коментирам“, додаде тој.