Македонскиот премиер оствари билатерални средби со мултинационални компании
Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, вечерва истакна дека уште еден ден во Давос бил успешен, со многу билатерални средби со мултинационални компании кои се значајни за глобалниот бизнис.
Денешниот панел беше фокусиран на вештачката интелигенција.
„Имавме повторно успешен панел, повторно разговаравме за двете теми кои се клучни на овогодинешниот Самит во Давос, а тоа се вештачката интелигенција и сето она што ја придвижува таа интелигенција. Се разбира, дата центрите, податоците и она што ги движи дата центрите, електричната енергија и струјата“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека разговорите биле со компании кои се водечки во управувањето со дата центри и развојот на вештачка интелигенција, но и за предизвиците поврзани со потребата за зголемување на производството на електрична енергија во иднина.
„Од наша страна зборувавме за проекти кои се значајни за нас, вклучувајќи производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети на интерконекторите за струја и гас и сето она што претставува предизвик за нас како Влада“, појасни Мицкоски.
Денеска, премиерот за првпат ги презентираше клучните проекти пред панелот, меѓу кои се Бошков мост, Чебрен и Галиште. Тој нагласи дека проектите привлекле внимание кај инвеститорите, кои по завршување на панелот оствариле контакти за понатамошни можности.
„Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме потенцијалите и инвестициските можности. Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност на Македонија и на квалитетот на живот на македонските граѓани“, додаде Мицкоски.
Премиерот информира дека денес продолжуваат панел дискусиите и претставувањето на инвестиции пред нова група на инвеститори.
