Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, преку објава на социјалната мрежа Икс (X) појасни дека воведувањето привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола е заштитна мерка од времен карактер и не значи затворање на Банката, отворање стечајна постапка или одземање на дозволата за работа.

„Воведувањето администрација во банката е заштитна мерка од времен карактер – не значи затворање на Банката, стечај или одземање на дозволата за работа“, наведува Славески.

Тој нагласува дека „АЛТА банка АД Битола“ е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио. Работењето на Банката продолжува под непосреден супервизорски надзор на Народната банка, но со привремени ограничувања.

„Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки“, посочува гувернерот, појаснувајќи дека за физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за одлив преку картички, за готовински подигања и плаќања кај трговци.

Внатрешните плаќања во рамките на Банката, односно трансакциите кон сметки на други физички и правни лица, остануваат неограничени.

Ограничувања се предвидени и за правните лица. Тие привремено нема да можат да изнесуваат средства надвор од Банката преку платните системи, ниту да повлекуваат готовина од банкоматите и шалтерите. Ќе можат да вршат неограничени внатрешни плаќања кон други правни и физички лица во рамките на Банката.

Во објавата, Славески ја објаснува и целта на воведената мерка, нагласувајќи дека таа треба да ги заштити штедачите и стабилноста на финансиската институција до разрешување на сопственичката состојба.

„Целта е јасна: да се заштитат сите штедачи, имотот и стабилноста на Банката до промената на сопственоста, која очекуваме да се реализира набрзо“, истакнува гувернерот.

Тој додава дека Народната банка континуирано ја следи состојбата и дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите промени.

Претходно, Народната банка соопшти дека привремената администрација е воведена исклучиво поради случувањата поврзани со акционерот со квалификувано учество, „Алта банка“ АД Белград. Од Централната банка нагласија дека мерката не значи затворање на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити.