Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека лично го следи случајот со враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, оценувајќи дека во постапката има „груба манипулација“. Тој посочи дека очекува да биде отворена истрага и најави дека нема да дозволи случајот да заврши без одговорност.
При денешната посета на Клиничката болница во Битола, Мицкоски рече дека, според неговите информации, во процесот е вмешан „еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство“, кој, како што наведе, е „соучесник во овој процес“.
„Јас вчера го следев случајот и малку се заинтересирав. И мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, којшто е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека засега не сака да шпекулира со имиња и презимиња, бидејќи, како што рече, допрва ќе следува истрага.
„Наскоро ќе има истрага затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој којшто е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. Така што, ова нема така да заврши. Ова лично јас ви го гарантирам и јас лично ќе го следам овој случај“, нагласи Мицкоски.
Основниот суд во Струга претходно му го вратил пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, а веќе следниот ден тој ја напуштил државата преку граничниот премин Табановце.
Марковски е првообвинет во предметот што се однесува на злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милион евра.
