Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека е во тек истрага поврзана со поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на Карпош, Стефан Богоев. Тој најави дека предметот може да се прошири и на други институции, во кои, според неговите информации, се очекуваат слични активности во наредниот период.
Предметот се однесува на работење во институција
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека станува збор за лице кое претходно било градоначалник на општина и директор на јавна институција, а предметот се однесува на работењето во рамките на таа институција.
„Истрага е во тек. Точно е тоа за коешто вие прашувате. Станува збор за лице кое е поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција. Станува збор за работење во рамките на таа институција“, изјави Мицкоски.
Најави за проширување на постапките
Премиерот рече дека, според информациите со кои располага, случајот нема да заврши само со актуелната постапка, туку истрагата ќе се проширува.
„Од информациите коишто јас ги имам, ова ќе се проширува. Од информациите со коишто поседувам, неколку институции во периодот што следи ќе имаат слични вакви акции за недоследности од минатото“, рече премиерот.
Според Мицкоски, станува збор за случаи во кои постојат индиции наведени во ревизорски извештаи.
„Станува збор за наоди содржани во ревизорските извештаи, индиции за злоупотреба на службената положба и овластувања“, изјави Мицкоски.
Мицкоски повика да не се наруши процесот
Премиерот нагласи дека не сака дополнително да го коментира предметот, со цел да не влијае врз текот на истрагата. Тој потсети дека секој има право на презумпција на невиност.
„Тоа сѐ е на ниво на истраги. Јас верувам во невиност. Секој има можност и право да ја докаже својата невиност. Не би навлегувал во дополнителни коментари за да не го нарушам процесот“, додаде премиерот.
